19.08.2020
Како да се инсталира штекер во ѕид од сува градба?
Во оваа видео ви презентираме како да се инсталира троен штекер и TV&LAN приклучок во ѕид од сува градба.
Првично потребно е да биде завршена монтажата на металната конструкција на преградниот ѕид и опшивката од гипс-картонски плочи од едната страна на ѕидот.
Преку специјално перфорираните H-отвори во CW профилите се вметнува PVC флексибилно црево, низ кое треба да поминат каблите за електрика. Во случаи кога се користат UA профили потребно е да се направи отвор во профилот со помош на конусен завршеток при бушењето.
Стандардното растојание за хоризонтална монтажа на каблите е на 30 см од таванот.
Каблите се протнуваат до посакуваната позиција за поставување на штекерите и дозните за електрика. Висината на монтирање е на 30-50см од готовиот под и се определува во зависност од потребите на корисниците.
По монтирањето на каблите во флексибилните црева се монтира минералната волна за изолација и се затвора втората страна од ѕидот со опшивка од гипс-картонски плочи.
Следниот чекор е маркирање на позицијата на штекерот на веќе поставената гипс-картонска плоча. Со помош на специјална дупчалка со дијаметар од 67mm, кој дијаметар одговара за стандардна дозна за електрика во сува градба се прават три отвори во самата плоча.
Во така формираниот троен отвор се монтира дозната за штекерот и се пристапува кон поврзување на електричните кабли и приклучоците за TV и LAN.